Македонскиот ракометен првак Вардар си ја оствари целта и на последниот меч во Скопје од Лигата на шампионите во рамки на четвртфиналето со 31-23 (14-12) славеше над унгарски ПИК Сегед и си обезбеди залиха пред реваншот во Унгарија. Избраниците на Роберто Гарсија Парондо беа одлични на тактички план, а ПИК Сегед речиси цел натпревар бркаше негатива, но ниту еднаш не успеа да ја достигне. Вардар дојде до висока позитива пред реваншот во Унгарија и гледа кон ново учество на Ф4-турнирите во ракометната елита, трето по ред. За овој тим на Вардар ова беше последен натпревар од ЛШ во Скопје, затоа што Сергеј Самсоненко, актуелниот спонзор на тимот, по крајот на оваа сезона нема да го финансира „црвено-црното“ ракометно семејство и ќе следи разделба. Реваншот во Унгарија меѓу ПИК Сегед и Вардар е закажан на 5 мај.