Македонскиот ракометен првак Вардар се врати на обврските во Лигата на шампионите и по тешка битка доживеа пораз од ПИК Сегед (26-28) во првиот меѓусебен натпревар на овие два тима во новата сезона од најелитното натпреварување на ЕХФ. „Црвено-црните“ константно водеа со два до три гола пред крајот на првиот дел и на почетокот на второто, ама со една серија 1-5, гостинот од Сегедин се врати, па се играше неизвесно во последните дваесетина минути. Во клучните моменти, затаи реализацијата на Вардар, па ПИК Сегед во самиот финиш со два важни гола на пивотот Банхиди дојде до полн плен и ги казни грешките на избраниците на Алушовски. За унгарскиот тим ова беше прва победа во Скопје, по шест одиграни натпревари со „црвено-црните“ во историјата.