Македонскиот ракометен првак Вардар со пораз ја затвори сезоната во Лигата на шампионите во 2019 година и како домаќин лесно загуби од унгарски Веспрем (29-38) во рамки на десеттата рунда. Гостинот беше доминантен цел натпревар и заслужено го носи полниот плен од Скопје. Вардар, пак, се наоѓа во незапаметена ситуација и четири кола по ред нема триумф, од кои на три меча се порази. На дуелот во Скопје, Вардар, кој играше без Дисингер и Кристопанс поради повреди, не го красеше она од минатото, тимот изгледаше анемично и не даде ниту отпор, ниту покажа борба и агресија во одбраната која прими дури 38 гола. За Вардар ова е четврти пораз сезонава, а тимот ја завршува годината на шестото место. Паузата добро ќе му дојде на европскиот првак, а истата може да се искористи и за промени, за подобра иднина на овој тим. Лигата на шампионите за Вардар продолжува во февруари, кога тимот гостува кај лидерот Кил.