• Мартин Танасковски
Ракометарите на Тиквеш го завршија својот настап во Европскиот Куп на ЕХФ, откако беа елиминирани во второто коло од турскиот шампион Бешикташ. По убедливиот пораз на првиот натпревар во Истанбул, кавадарчани не успеаја да приредат изненадување ниту пред својата публика и загубија со 21-23.
Кавадарчани покажаа две различни лица, а вреди да се напомене дека и двата тренери ротираа со составите и шанса им даваа на играчите со помала минутажа или помладите. Тоа го стави Тиквеш во добра позиција по првиот дел, затоа што домашниот тим во Кавадарци имаше предност од два гола (11-9).
Во второто полувреме, почнаа грешките и избрзаните шутеви од бековската линија на Тиквеш, а тоа искусен тим како Бешикташ и покрај промените во екипата, успеа да го казни. Во драматичен финиш, турскиот тим ја грабна победата и славеше со конечни два гола разлика.
Најдобар стрелец кај Тиквеш беше Балша Чејовиќ со шест гола, додека Богдан Мијушковиќ погоди пет пати. Кај Бешикташ се истакна Емре Бабакан со седум постигнати гола.
Македонија сега има еден претставник во Европскиот Куп на ЕХФ, тоа е ГРК Охрид кој со две убедливи победи го мина азербејџански Баки.
ФОТО: bjk.com.tr



