Тиквеш со моќна партија го декласира Бутел среде Скопје!

Ракометарите на Тиквеш се радуваа на убедлива победа против Бутел 21-33 (11-15) во натпреварот од 18. коло на Суперлигата. Пресметката во истоимената скопска населба му припадна во целост на гостинот, кој од стартот се снајде подобро, а потоа во вториот дел целосно го скрши домаќинот. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Бутел Скопје и Тиквеш:

Освен стартната предност на бутелчани, Тиквеш веднаш се наметна и поведе со 1-4. Имаше домаќинот еден налет и пријде на гол дефицит. Сепак, тоа беше сè од Бутел кој до крајот на полувремето константно бркаше негатива од три или четири гола (11-15). 

Во продолжението избраниците на Кристијан Грчевски уште толку се наметнаа. Тиквеш бргу поведе и предноста достигна двоцифрени 16-26. Не се опуштија кавадарчани до крајот, продолжија да притискаат и триумфираа со 12 гола разлика. 

Евгениј Темелкоски со осум и Кристијан Атанасовски со седум гола го предводеа тимот на Тиквеш до победата. Кај Бутел се истакна Субашевски со шест, а пет погодоци даде Димитар Узунчев.