Тиквеш со пресврт го доби директниот дуел со Еурофарм Пелистер 2

Ракометарите на Тиквеш 2014 по голема борба успеаја да го совладаат Еурофарм Пелистер 2 со конечни 27-26 во натпреварот од седмунаесеттото коло во македонската Суперлига. 

  • Комплетниот натпревар помеѓу Тиквеш 2014 и Еурофарм Пелистер 2: 

Битолчани одиграа добро прво полувреме и создадоа предност од три гола на паузата (12-15), но домаќините потоа се вратија и внесоа неизвесност во завршницата. Гостите имаа минимална предност и во пресрет на последните десет минути, а Тиквеш се обидуваше да дојде до егал ситуација. 

Тоа конечно им појде од рака по погодокот на Мартин Димовски, кој израмни на 23-23 во 54. минута и најави мала драма во финишот. Кавадарчани во овие моменти беа без Богдан Мијушјковиќ (три исклучувања), но Димовски повторно стапи на сцена и донесе прво водство за домаќинот (25-24). 

Пелистерци имаа гол негатива на почетокот на последната минута, го „прокоцкаа“ последниот напад со непромислено пробивање, па така домаќинот на крајот славеше со конечни 27-26. Најефикасен во таборот на Тиквеш беше Петар Цветковски со осум голови, а на спротивната страна ист учинок имаше Христијан Митревски.