Тиквеш со Бешикташ, како Металург со Кил: Неславен рекорд и висок евро-пораз

Ракометарите на Тиквеш 2014 забележаа убедлив пораз на гостувањето кај турскиот Бешикташ (31-20) во првиот меч од второто коло во Еврокупот на ЕХФ. 

Македонскиот претставник допатува во Истанбул како голем аутсајдер, а тоа се потврди и со случувањата на паркетот, каде домашниот тим имаше постојана контрола на нештата, и тоа уште од самиот почеток. 

Тиквеш постигна само три гола во првото полувреме, наспроти шеснаесетте на Бешикташ, па така веднаш стана јасно на чија страна е квалитетот. Кавадарчани одиграа далеку подобро второ полувреме, дури и го добија со 17-15, но постојано беа во двоцифрена негатива, што не оставаше многу надеж за избегнување висок пораз. 

Димитар Коцев беше автор на пет (5/5) гола, а Христовски и Мијушковиќ постигнаа по четири погодоци во дресот на Тиквеш, додека на спротивната страна безгрешен беше Енис Хаџиоглу со осум голови од исто толку обиди. 

Инаку, овој резултат на Тиквеш со три гола во едно полувреме е како оној на Металург против Кил во Лигата на шампионите во 2015 година. Тогаш скопскиот тим постави неславен рекорд во Европа кога се говори за македонските екипи и од сега има друштво. Тимот по нив со четири гола е Вардар, кој во 2019 година даде само четири гола во едно полувреме исто така со Кил.