• Саше Љолес

Екипата на Бутел Скопје го совлада Тиквеш 2014 со конечни 21-20 во натпреварот од седмото коло во плеј-офот на македонската Суперлига. За бутелчани ова беше прва победа во разигрувањето.
- Комплетниот натпревар помеѓу Бутел Скопје и Тиквеш 2014:
Стартот на мечот донесе подобра игра на домаќинот, кој имаше водство од четири гола, но гостите од Кавадарци успеаја до полувремето да се вратат во егал-ситуација (11-11).
Неизвесноста продолжи и во вториот дел, ниту еден од ривалите не успеваше да се „одлепи“ во резултатска смисла, па така на семафорот во 57. минута стоеше 19-19. Бутел потоа поведе со 21-19, а Тиквеш не успеа да се врати во игра, по што мораше да се помири со нов пораз во разигрувањето за титулата (21-20).
Во следното коло, Бутел ќе гостува кај Еурофарм Пелистер, а екипата на Тиквеш ќе го пречека фаворизираниот Алкалоид. Двата денешни ривали остануваат во долниот дел на табелата.








