• Иван Димовски

Ракометарите на Алкалоид стигнаа до петтата победа во исто толку натпревари, откако ја преживеаја драмата против Тиквеш (31-30). Суперлигашката средба во салата „Автокоманда“ беше израмнета и понуди инфаркт завршница, а гостинот од Кавадарци не реализира напад за израмнување и бод во последните секунди.
- Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и Тиквеш:
Избраниците на Кирил Лазаров отворија одлично и од стартот поведоа со 4-1. Ова водство го одржуваа до 7-4, но тогаш гостинот со головите на Габара, Лазов и Бен Махфуд израмни (7-7). Одговорот беше серија на Алкалоид од 5-1 со која скопскиот тим се одлепи на 13-8, а погодуваа Борзаш, Тордарсон, Аларов, Костески и Митев. Тиквеш не се откажа и одговори со три врзани погодоци, па до полувремето успеа да намали на „минус три“, иако во еден момент имаше 16-14. На крајот на првите триесет минути резултатот гласеше 18-15.
На стартот на продолжението Алкалоид отвори со два гола и поведе со 20-15. Оваа предност домашната екипа ја бранеше дваесетина минути, со тоа штоварираше меѓу три, четири и пет гола. Во последните десет минути се влезе со 28-23, па тогаш Тиквеш влезе во серија и креира драма. Во завршните десет минути резултатот беше 7-3 за кавадарчани кои стигнаа и до егал (30-30). Сепак, во пресрет на последната минута Никола Костески донесе водство. На крајот Тиквеш имаше напад за реми, но ударот на Тоше Ончев не заврши во мрежата и Алкалоид впиша победа.
Најефикасен играч на мечот беше Мохамед Азиз Бен Махфуд со седум гола, додека кај Алкалоид тоа беа Марко Митев и Никола Костески со по пет.





