Тиквеш ја заврши европската авантура, Кремс моќен во Австрија

Екипата на Тиквеш доживеа висок пораз во реваншот од Кремс во Австрија (25-33) и така ги заврши настапите во Европскиот куп на ЕХФ.

Кавадарчани дома го совладаа ривалот, беа подобри за четири гола, меѓутоа во возвратниот дуел одиграа катастрофално и така се простија од еврокуповите за оваа година уште на првата пречка.

Кремс покажа квалитет и различно лице од она во Кавадарци уште од почетокот, затоа што се одлепи на 6-1 и диктираше темпо цело време. Разликата цело време беше од три гола поголема, на полувремето резултатот гласеше 17-14, а кон следната рунда домашниот тим се вивна кога од 20-15, замина на 24-15. Потоа, првпат се поведе и двоцифрено (28-16) и тука Тиквеш веќе го „положи оружјето“.

Најдобар кај победникот беше Розман со осум гола, пред Аус со седум реализации, а Симек имаше четири погодоци, додека кај Тиквеш, Симиќ и Мајиќ погодија по пет пати, Атанасовски имаше четири, а најдобриот играч Ани Обина беше задржан на само два гола. 

Сега кавадарчани ќе се фокусираат на настапите во домашната лига, каде повторно ќе целат на излез во Европа. Тимот има само еден пораз сезонава во Суперлигата, и тоа во дербито со Алкалоид.