• Горан Упале

Ракометарите на Тиквеш ја оправдаа улогата на фаворит во пресметката со Струга (23-28) и вечерва против Еурофарм Пелистер ќе бркаат изненадување во Купот на Македонија и пласман на Ф4 турнирот.
- Комплетниот натпревар меѓу Струга и Тиквеш:
Во вториот полуфинален натпревар од четвртфиналната фаза во националниот Куп во Битола, екипата од Кавадарци не се потроши многу против стружани и заслужено обезбеди уште најмалку еден натпревар во ова натпреварување. Момците на Данило Брестовац, кои одлично го стартуваа плеј-офот, уште во раната фаза од средбата ги решија сите дилеми. Стефановиќ и Кондев тргнаа ефикасно и Тиквеш за краток период се одлепи на плус осум (4-12).
Следуваше нешто подобра игра на избраниците на повратникот Танески, но Тиквеш не дозволи противникот да се врати во игра и на полувреме замина со позитива од седм гола (11-18). Ништо не се промени ниту во вториот дел. Брестовац шанса им даде и на ракометарите од клупата, кои одлично одговорија и Тиквеш во вечерашното финале со пелистерци влегува со сигурна победа од 23-28.
Стефановиќ со шест и Постолов и Кондев со по пет гола беа најпрецизни во кавадаречкиот табор, додека за Струга се истакнаа Бугариновиќ со пет и Кузманоски со четири гола.