Тиквеш и Пролет во драматичен меч го поделија пленот

Екипите кои се борат за место во плеј-офот, екипите на Тиквеш и Пролет, одиграа супер-драматичен натпревар во салата „Јасмин“ во Кавадарци и дуелот заврши со поделба на пленот (25-25).

Дербито од средниот дел на табелата од 16-тото коло во Суперлигата беше крајно борбен, а ако се гледаат случувањата на терен, ремито е реален исход, затоа што Пролет отвори подобро, потоа Тиквеш направи пресврт и поведе убедливо, а откако гостинот се врати, се играше егал до самиот финиш. Доста грешки забележавме на едната и на другата страна во финишот, се играше доста и грубо во одбраната што донесе исклучувања, па поделбата на бодовите е повеќе корисна на Пролет која останува на позицијата шест.

  • Комплетниот натпревар на Тиквеш 2014 и Пролет:

Натпреварот меѓу двата суперлигаши кои се борат за плеј-офот почна изедначено. Беше 3-3, потоа 8-7, а првата разлика се направи кога од 11-10 домаќинот предводен од тренерот Горан Андоновски влезе во ритам и дојде до 13-11. На паузата Тиквеш имаше највисоки 16-12 на натпреварот, но по паузата, која повеќе им годеше на гостите од Скопје, Пролет комплетно се врати. Ротацијата на гостите донесе доста голема свежина во тимот, голманите и одбраната исто така проработеа, па за петнаесетина минути се стопи позитивата на Тиквеш. Во 45. минута резултатот гласеше 20-19 за Тиквеш, но настапи несфатлив пад во играта на Пролет поради нервоза во нападот и неколку технички грешки. А, тим како Тиквеш тоа го казни, влезе во една мини-серија од три гола и преку Стефановиќ, Темелковски и Симиќ ја врати позитивата од четири гола (23-19).

Кризата во нападот на Пролет се прекина во 50. минута, кога Давор Палевски погоди од пенал (23-20). Во следните минути Тиквеш остана со играч помалку, Пролет врза два гола и дојде на 23-22 и одново беше се отворено. На три минути пред крајот, гостинот дојде до водство по долго време со голот на Аларов (23-24), а откако Тиквеш погоди се играше израмнето до самиот финиш. На единаесет секунди пред крајот, Пролет остана со играч помалку откако Голубовиќ беше груб врз Јанчев, па не успеа да го реализира последниот напад.

Најефикасен кај Тиквеш беше Темелковски со седум гола, пред Симиќ со шест погодока, додека кај Пролет најдобар и најрасположен за игра беше Давор Палевски со вкупно девет гола, пред Петковски со осум.