Тиквеш и Охрид ја стартуваат авантурата во Европскиот куп на ЕХФ

Два македонски клуба ќе ја стартуваат авантурата во Европскиот куп на ЕХФ. Откако Бутел Скопје беше шокантно елиминиран од Дуделанж од Луксембург на стартот, сега во натпреварувањето се вклучуваат Тиквеш и Охрид. 

Кавадарчани имаат аутсајдерска улога во пресрет на двомечот против турскиот шампион Бешикташ. Тиквеш ќе има сериозен предизвик пред себе против ривалот кој има респектабилни имиња во своите редови. Првиот меч се игра во Истанбул денес во 16:00 часот, додека реваншот е за шест дена во Кавадарци. Нема сомнеж дека Тиквеш ќе се обиде да изненади, а ќе видиме за што ќе биде доволен таквиот пристап. 

Од друга страна Охрид важи за апсолутен фаворит против Баки од Азербејџан. „Гладијаторите“ ја добија организацијата на двата натпревари во својата сала „Билјанини Извори“ и тие ќе се одиграат денес и утре во термините од 18:00 часот. Охриѓани влегуваат во ЕХФ Купот со високи амбиции, со многу засилен ростер и желба за докажување. За очекување е тимот на Ројевиќ да ја скокне релативно лесно првата пречка во името на азербејџанскиот претставник. 

Инаку, актуелен шампион на Европскиот куп на ЕХФ е екипата на Алкалоид која реши сезонава да побара „вајлд-карта“ за Европската лига, а таму беше елиминирана од гигантот Хановер во баражот.