Тиквеш го остави Младост на „нула“ радости во Суперлигата

Ракометарите на Тиквеш забележаа убедлива победа на гостувањето кај Младост Богданци, откако славеа со 25-18 во натпреварот одигран во салата „Млаз“.

Кавадарчани уште од самиот почеток ја презедоа контролата и јасно ставија до знаење дека во Богданци се дојдени по трите бода. Со исклучок на краткиот период во второто полувреме, Тиквеш беше подобриот противник и заслужено стигна до убедлив триумф.

Тиквеш до победата го предводеше Ончев, кој постигна десет гола. Бен Махфуд додаде шест погодоци. Кај домаќините најефикасен беше Андоновски со седум гола, а Бојаниќ и Мајдуб постигнаа по три гола.

Со оваа победа Тиквеш стигна до 11 бода и се зацврсти на петтото место на табелата. Младост Богданци, пак, останува претпоследен и ќе се обиде да ја прекине негативната серија и да стигне до нови бодови во следните натпревари.