• Горан Упале

Екипата на Вардар 1961 продолжува со перфектните игри и резултати во плеј-офот од Суперлигата и во пресрет на големото дерби со Еурофарм Пелистер во следното коло ја впиша четвртата победа во разигрувањето за титулата. Во малата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“ вардарци без посериозни проблеми го најдоа патот до нови бодови на табелата и Тиквеш за Кавадарци го прати со пораз од убедливи осум гола разлика (32-24).
- Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Тиквеш:
Гостите отпор пружија само во воведните минути, во кои дури на неколку пати го имаа водството на своја страна, но набргу „црвено-црните“ презедоа контрола и влегоа во посакуваната серија. Како се ближеше крајот на полувремето, така домашното водство се зголемуваше и на пауза достигна до максимални шест гола (16-10).
Тиквеш немаше решение за разиграниот домаќини ниту во второто полувреме. Вардар 1961 продолжи во ист ритам, се разиграа и ракометарите од клупата, па предноста се искачи на десет гола (29-19). До крајот на натпреварот кавадарчани само успеаја да ја намалат негативата на осум погодоци (32-24).
Во таборот на најтрофејниот македонски клуб се истакнаа Петриќ со седум и Родригез со четири гола, додека Гачевиќ кај Тиквеш запиша шест погодоци. Големото дерби во Битола, прво во плеј-офот се игра за седум дена.