„Тешко ми беше да кажам збогум на Вардар, на Скопје и на сите луѓе кои ги сретнав таму...“

Долгогодишниот член на Вардар, Игор Карачиќ, од наредната сезона ќе ги брани боите на Киелце. По седум години во Македонија, хрватскиот репрезентативец одбра нова средина во која се надева на идентични успеси како и во „црвено-црниот“ дрес.

Средниот бек вели дека со голема мака си замина од Скопје каде оствари пријателства кои ќе траат цел живот.

„Мислам дека време беше за нов предизвик. Кога вторпат ќе се искачите на врвот на Европа, време е за промена.

Пристигнав во Вардар пред скоро осум години. Никој не помислуваше дека ќе ги оствариме успесите кои се случија во последните три години. Како мало дете сонував да ја освојам титулата во Лигата на шампионите, сонот ми се оствари двапати.

Тешко ми беше да кажам збогум на Вардар, на Скопје и на сите луѓе кои ги сретнав таму. Се чувствувам како дома кога сум во Скопје. Добив пријатели за цел живот, но спортот е таков и никогаш не знаеш каде ќе те однесе“, изјави Хрватот.

И покрај сите клупски трофеи и признанија, она што Карачиќ го посакува е златен медал со својата репрезентација.

„Киелце ми дава шанса да имам идентична минутажа и игра како и во Вардар. Тоа го прави еден играч среќен. Засега одлично се адаптирав и сите добро ме прифатија.

И покрај сите трофеи кои сум ги освоил во клупската кариера, мислам дека ми недостасува еден со Хрватска. Тоа ќе биде круна на мојата кариера, да освојам злато со мојата земја“, заврши 30-годишникот од Мостар.

Миленикот на македонската публика, кој ја освои МВП наградата на последниот завршен турнир во Келн, зад себе остава прекрасни години во Вардар кои ќе остават голема дамка на неговата ракометна кариера.