• Горан Упале
Хрватските медиуми дојдоа до подетални информации за тепачката која се случила во соблекувалната на ракометниот клуб Загреб, а во која учествувале српскиот ракометар Милош Кос и хрватскиот голман Матеј Мандиќ.
Шпекулациите се дека Србинот прв физички го нападнал соиграчот, кој поради повредите кои ги здобил може дури и да го пропушти Светското првенство кое што започнува во јануари.
„Некои соиграчи му се пожалија на Кос во соблекувалната дека не игра добро, а откако хрватскиот голман и репрезентативец Матеј Мандиќ му кажа нешто, Кос стана и го удри со тупаница во лицето. Дури и му нанесе повреда која би можел да го спречи да игра на Мундијалот. Закрепнувањето би можело да потрае четири до шест недели... Потоа интервенирале другите играчи, при што Звонимир Срна наводно неколку пати го удрил српскиот ракометар“, откриваат хрватските медиуми.
Управата на хрватскиот шампион навремено ги суспендираше воинствените играчи поради грубо кршење на клупската дисциплина, а во наредните денови ќе се знае колкави ќе бидат нивните казни.