• Иван Димовски

Македонскиот суперлигаш Бутел Скопје работи на тимот за следната сезона. Нов член на бутелчани е Теодор Тодески кој доаѓа од редовите на Мулти Есенс.
Станува збор за млад лев бек кој има огромен потенцијал. Тодески потекнува од школата на Прилеп, потоа играше за Металург, а беше член и на Алкалоид и Мулти Есенс. Сега младиот ракометар ќе ја продолжи кариерата во Бутел, на што тој самиот гледа како чекор напред.
„Се одлучив да потпишам за Бутел, иако имав понуди од повеќе клубови. Тука ја гледам шансата да напредувам во иднина. Се надевам дека под водство на тренерот Горан Кузманоски ќе одам ниво погоре на личен план, но и клубот. Сакам заедно да се радуваме на нови успеси“, изјави Тодески.
Изминатата сезона Бутел ја заврши на шестото место во плеј-оф фазата со три победи и единаесет порази.