Темелковски: Пропуштивме поубедлива победа, но ни се враќа Крстевски и во Каунас мораме подобро

Со залиха од четири гола, ракометарите на Еурофарм Работник ќе заминат на реваншот против Гранитас во Каунас во третото коло на Челинџ Купот. Победата од 28-24 можеше да биде и поубедлива, а тренерот Илија Темелковски во анализата по средбата жали за наивноста на екипата во клучните моменти.  

„Жалам што не извојувавме поубедлива победа, бидејќи имавме напад за +6, избрзавме и примивме гол во последната секунда. Мора да бидеме поконцентрирани во вакви ситуации и не треба да грешиме на очигледен начин. Но, сега знаеме како игра Гранитас, знаеме дека нивните бекови шутираат од сите позиции, а ние ќе бидеме посилни и за Крстевски, кој денес не можеше да настапи. Во вториот дел го повлеков Мсквилидзе, игравме без левак, бидејќи противникот дејствуваше брзо и ми беше потребен ракометар кој може да игра во два правци. Сепак, не сум песимист, не очајуваме, верувам дека со добра пристап можеме да славиме и во Литванија“, смета Темелковски.

В сабота попладне се игра возвратниот дуел, а в петок со авионски лет преку Виена, експедицијата на Еурофарм Работник ќе замине за Литванија.