• Зоран Мишевски
Македонија го заврши Eвропското првенство во Полска без ниту една победа, откако денес претрпе пораз и од Белорусија со 29-30 (13-14) во меч во кој моравме да играме и без Филип Миркуловски.
Натпреварот започна со по два неискористени напади на двете селекции, можеби како резултат на опуштениот влез во мечот. Прибак го постигна нашиот прв гол, но имавме невообичаено голем број на грешки, па Пукоски со два гола ги одлепи Белорусите (1-3).
Фативме приклучок кога Белорусите останаа со човек помалку – Велко Марковски и Кире Лазаров намалија на 4-5. Во 15. минута со голот на Стоилов првпат поведовме, но непостојаноста во играта не ни дозволи да се одлепиме. Но како и ние, така и момците на Шевцов грешеа и капитенот Кирил Лазаров со два гола ни донесе 10-9.
Борко Ристовски одбрани два зицери пред селекторот Обрван да побара тајм-аут во 24. минута. Дури трипати двете селекции се сменија во водството, а Јуринок со гол од контра во 27. минута ги оддалечи нашите противници на +2. Сепак капитенот и Мојсоски погодија за 13-14 на полувреме.
На почетокот од вториот дел Пукоски ги одлепи нашите противници до +5 во 35. минута. Гоце Георгиевски со два гола го спушти заостанувањето , но и натаму ни фалеше ритам. Дојде средината од вториот дел и предноста на Белорусија не се спушташе. При 19-24, Пуковски повторно ја проби нашата одбрана централно за потврда на неговиот добар меч.
Мечот влезе во фаза во која Лазаров и Пукоски се натпреваруваа кој ќе даде повеќе голови, за по деветтиот на капитенот во 50. минута да намалиме на 23-25. По белорускиот напад и конфузија се доближивме до -1. Лазаров во 55. минута израмни на 27-27 за нова драма. Но, белоруските бекови погодија двапати во серија и мечот ни побегна низ раце за финални 29-30 (13-14).
Во репрезентацијата на Македонија се истакнаа Лазаров со 10 и Манасков со 4 гола, додека кај Белорусија најпозитивни беа Пукоски со 11 гола, а Јуринок даде 5.