Татран убедлив со Партизан, гледа кон првото место и дуел со пелистерци

Ракометарите на Татран Прешов одиграа убедлив натпревар и запишаа победа од 29-25 (14-12) над Партизан, во рамките на петтото коло на СЕХА лигата. Еден од двата последни натпревари кои ќе го одредат четвртфиналниот мозаик, во целост им припадна на Словаците, кои не дозволија изненадување и направија клучен исчекор кон првото место. 

Околу денешниот натпревар, Партизан отвори подобро и имаше почетна предност од 1-4, меѓутоа брзо следеше пад на концентрацијата. Татран се врати до егал, а потоа и го презеде водството, па на одмор замина со два гола позитива. Во продолжението српскиот тим успеа еднаш да дојде до егал, пред целосно да падне и домаќините да одиграат убедлива завршница. Сепак, со оглед на тоа што Партизан имаше и минус седум, може да биде задоволен со поразот од 29-25. 

Фенар со седум, Ивановиќ со шест и Лопез со пет гола беа најефикасни кај словачкиот шампион, а Зечевиќ со пет и Сотиќ со четири погодоци се истакнаа кај српскиот вицешампион.

Разврската во групата е предвидена за понеделник, кога истите две екипи ќе се сретнат на Бањица. Татран ако заврши прв, би вкрстил со Еурофарм Пелистер во четвртфиналето, додека останува да се види како би финиширал Вардар 1961 по реваншот на Словаците со Партизан.

Во Србија, само победа на Партизан од три или повеќе гола и притоа екипите да одиграат ефикасен натпревар, би значело дека Вардар ќе падне на третото место. Во секој поинаков епилог, при победа на Татран, реми или минимално славје на Србите, вардарци би го избегнале Веспрем.