• Мартин Танасковски

Македонскиот шампион Вардар нема да го ангажира српскиот репрезентативец Марко Тасиќ во пресрет на новата сезона, иако ракометарот долго време беше една од главните трансфер цели на новиот првак и се повзруваше со црвено-црните.
По одличните настапи на Европското првенство во Хернинг, каде што остави силен впечаток во дресот на Србија, се очекуваше Тасиќ да направи чекор напред во кариерата и да ја напушти екипата на Динамо Панчево. Дефанзивецот одигра значајна улога во големата победа на Србија над Германија, а особено се истакна со одличната игра во одбраната против Јоханес Гола. Покрај успешните репрезентативни настапи, Тасиќ беше меѓу најдобрите поединци и во првиот дел од сезоната во српското првенство.
Вардар, кој ја освои двојната круна во Македонија и ќе настапува во Лигата на шампионите, сериозно работеше на негов ангажман. Сепак, обештетувањето што го барало Динамо Панчево се покажало како преголема пречка за реализација на трансферот.
Според новите информации од Србија, Тасиќ и следната сезона ќе го носи дресот на српскиот клуб. Неговиот договор е важечки до летото 2027 година, што му дава силна преговарачка позиција на Динамо. Ракометарот претходно настапуваше за Војводина, но таму не доби вистинска шанса за афирмација, по што кариерата ја продолжи во Панчево каде што се изгради во еден од најперспективните дефанзивци во српскиот ракомет.
