Тасевски: Нашите амбиции се влез во плеј-оф и таму да им одземеме некој бод на фаворитите

Бутел Скопје ги одработува подготовките за новата сезона во која ќе влезе со подмладен ростер. Стручниот штаб на тренерот Горан Кузманоски е засилен со младиот стратег Стефан Стојановски, кој ќе работи и со младинскиот тим на суперлигашот.

Претседателот на Бутел, Влатко Тасевски е задоволен од постигнатото минатата сезона и најави амбиции за влез во плеј-оф во претстојната сезона.

„Можеме да кажеме дека сме задоволни од постигнатото минатата сезона. Имавме малку турбулентна сезона, но на крајот сепак бевме успешни и им предизвикавме потешкотии на сите фаворити во плеј-офот“, вели Тасевски.

Бутелци дел од подготовките ќе ги одработат во Македонија, а дел во Србија и Хрватска.

„Подготовките ги започнавме на крајот на јули. Тимот ќе биде стациониран во Скопје, планирани се осум пријателски натпревари, дел во Скопје и дел на мини турнејата низ Србија и Хрватска. Костурот на екипата го задржавме од минатата сезона, но секако дополнет со неколку млади ракометари кои треба да придонесат за дополнителен развој на клубот, како и нивен личен развој. Нашите амбиции се влез во плеј-оф, и секако таму да им одземеме некој бод на фаворитите“, додава Тасевски.

Извршниот директор на Бутел, Бојан Спасовски, вели дека стратегијата на клубот е променета во однос на младите ракометари.

„Во Бутел Скопје малку ја сменивме стратегијата, решивме да даваме шанса малку повеќе на младите играчи. Со дуелите со најдобрите екипи во плеј-офот и во регуларниот дел од првенството со дадената минутажа, младите побрзо ќе напредуваат, иако зависи од нив како ќе ја искористат“, вели Спасовски.

Клубот успешно работи и со младинските категории, кои имаат одлични резултати.

„Големо задоволство е да се гледаат младите и да уживаат во ракометот. Имаме и имавме добри деца и школи кои веќе добро функционираат и тоа се гледа дека добро се работи. Кадетите и младинците наши се во врвот на нивната генерација, вложиваме во нив имаме добри услови за напредок, се работи добро и тоа дава резултат. Дел од ракометарите од младинските школи веќе тренираат со првиот тим. Доказ за нашата добра работа со младинските категории е и фактот што имаме ракометари што играат за кадетската и младинската репрезентација, продолжи Спасовски.

Тој посакува одново место во битката за титулата.

Најважно е дека го задржавме костурот, носителите на играта, а младите многу можат да научат од нив. Во клубот има добра атмосфера и хемија, а тоа е еден битен фактор за колективен напредок играчки и резултатски. Што се однесува до играчкиот ростер, тој е веќе затворен, заврши Спасовски.

Бутел досега се засили со кружните напаѓачи Драган Шољиќ и Матеј Новаковски, левите бекови Хусеин Кадах, Теодор Тодески и Тодор Узунчев, средниот бек Леонид Киселовски, како и десните бекови Мартин Петровски и Димитар Узунчев.