Тарабокија: Чест е да се игра пред ракометна публика каква што е македонската! 

Екипата на Металург подолго време беше во потрага по квалитетно решение на средната бековска позиција, откако ова лето остана без услугите на Танкоски, а неочекувано пропадна и трансферот на бразилскиот репрезентативец Тешеира.

Во игра беа неколку ракометари, но на крај одлуката падна на босанскиот репрезентативец Марко Тарабокија. 31-годишниот организатор на играта е задоволен од трансферот во поранешниот македонски шампион, а за Gol.mk откри кој беше клучниот фактор за неговиот премин во Автокоманда.

„Откако се пресели во Металург, Златко Хорват ме контактираше и ми рече дека клубот е заинтересиран за мене. Потоа ме спои со челните лица на клубот и среќен сум што на крај успеавме да најдеме заеднички јазик“, ни рече босанскиот репрезентативец.

Искусниот среден бек призна дека на својата адреса добил и други понуди, но не сакал да брза со изборот и е задоволен што на крај се реши да потпише за Металург. 

„Имаше понуди и од други клубови, но понекогаш е добро да се биде трпелив и да се чека на вистинската. Иако подолго време разгледував опции мислам дека го направив вистинскиот избор со потписот за Металург“, вели искусниот среден бек.

Своевремено, како член на Висла, Тарабокија гостуваше во Скопје и на своја кожа ја почувствува атмосферата во македонските сали. 

„Добро ја знам атмосферата во Македонија. Со Висла имав можност да играм во Скопје против Вардар во Лигата на шампионите и затоа со нетрпение ја чекам новата сезона. Салите се полни, а публиката го разбира и сака ракометот и затоа е задоволство да се игра во Македонија“, додава Марко.

31-годишниот ракометар испрати пофални зборови за напредокот на македонскиот клупски ракомет во последниот период и очекува возбудлива сезона во Суперлигата со многу возбудувања. 

„Сметам дека македонската лига секоја година е сè поквалитетна. Имам неколку одлични екипи. Во секој случај мислам дека нè чека возбудлива сезона со многу изненадувања. Што се однесува до европските натпревари, овој Металург поседува голем квалитет и затоа сметам дека ќе биде рамо до рамо со големите европски клубови“, заврши босанскиот репрезентативец. 

Марко Тарабокија низ годините настапуваше и за Азоти Пулави, Марибор и ППД Загреб. Тој ќе биде прв избор на средната бековска позиција во некогашниот македонски првак.

Металург со ангажманот на Тарабокија склопи одличен тим за настапот во Европската лига на ЕХФ. Претходно, тимот се поднови со Златко Хорват, Бранко Канкараш, Момир Рниќ, Никола Потиќ...