Танкоски: Верувам дека ова е моја година, убеден сум во успешна сезона

Навивачите на Еурофарм Пелистер секојдневно споредуваат дали овој ростер е посилен од минатогидшниот или не. Тешка е споредбата, посебно што Валтер не го затворил ростерот ова лето и сигурно наскоро ќе дојдат нови ракометари. Сепак, видливо е дека тимот ќе биде поинаков, пофизички, со помал број ротации и замени. 

Константно остануваат македонските ракометари и од ростерот од минатата сезона си заминаа Никола Маркоски и Филип Ивановски. Еден од оние од кои многу се очекува сезонава е Марио Танкоски. Тој ги остави проблемите со повредите зад себе и спремен е за новиот предизвик.   

„При крај сме со овие тешки припреми. Трениравме напорно, дури и некогаш по четири пати на ден, но тоа е добро. Доста играчи се сменија, но квалитетот мислам дека е истиот. Од сегашна гледна точка мислам дека ќе имаме успешна сезона. 

Ова е моја сезона и во разговор со тренерот се надевам дека ќе имам простор за надигрување. Проблемот со рскавицата е зад мене и можам да се посветам кон ракометот“, вели Танкоски.

Танкоски ја почнува својата четврта сезона во Битола, а претходно настапуваше за Металург.