• Иван Димовски

Еурофарм Пелистер првпат во својата историја ќе игра на „фајнал-фор“ турнирот во СЕХА лигата, а до него стигна со победа по пеналите против Мешков Брест (27-26). Еден од подобрите ракометари на теренот беше Марио Танкоски.
Средниот бек го постигна и последниот гол, на само неколку секунди пред крајот, кој многу лесно можеше да е победоносен. По средбата, тој го изнесе своето мислење, а се осврна и на Веспрем.
„Беше прекрасно да се игра во ваква атмосфера и пред овие навивачи. Водевме во текот на сите шеесет минути и ќе беше штета да не победевме. Седмерците се лотарија, но покажавме карактер, верба и мислам дека заслужено победивме.
Не треба да трошиме зборови за Веспрем и дуелот во полуфиналето. Ќе одиме во Задар да уживаме“, изјави Танкоски.
Унгарскиот гигант и најголем фаворит во СЕХА лигата, Веспрем, е следна пречка на битолчани во полуфиналето. Завршниот турнир во Задар е на програмата следниот викенд.