Танески: Турнирот „Миле Нешкоски“ ќе покаже до каде сме и на кои играчи можеме да сметаме

Ракометарите на Прилеп продолжуваат со подготвителниот период, а следен тест за екипата на Наум Танески ќе биде настапот на Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп. Стратегот на прилепчани очекува силни натпревари кои ќе му дадат појасна слика за можностите на целиот ростер.

Прилеп досега одигра неколку квалитетни контролни натпревари, а настапи и на турнирот во Струга, каде што го освои третото место зад Охрид и Вардар.

„Првиот натпревар ни беше во Маврово со Алкалоид, па продолживме со Вардар, а потоа игравме со Бутел и домаќинот Струга. Турнирот во Струга го завршивме на третото место, зад Охрид и Вардар, и мислам дека се претставивме во добро светло“, рече Танески.

Тренерот на Прилеп потенцира дека претстојниот домашен турнир ќе биде важен за воигрување на екипата и дефинирање на улогите во тимот.

„Овој турнир ќе ни послужи да видиме до каде може целиот ростер и на кои играчи можеме да сметаме. Целта е дополнително да ја воиграме екипата. Во Прилеп ќе настапат доста квалитетни екипи, кои минатата сезона завршија од петтото до осмото место. Тука се Бутел, Тиквеш...“, изјави Танески.

Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ ќе биде уште една важна проверка за прилепчани во пресрет на стартот на новата сезона.