Тамше: Повеќе шанси за победа имаш во Северна Кореја отколку во Загреб

Бранко Тамше, тренерот на Нексе, кој со тимот од Нашице пишува фантастична европска приказна, не може да ги преболи случувањата од големото дерби на хрватскиот ракомет против ППД Загреб, на кој „плинарите“ извојуваа убедлива победа.

Натпреварот кој може да биде решавачки во трката за шампионската титула не беше пренесуван од ниту една телевизија, а немаше ниту стрим на интернет. Исто така, според тамошната ракометна јавност го суделе арбитри кои традиционално ја делат правдата на сите решавачки натпревари на загрепчани.

„Ова беше навистина специфичен натпревар. Да резимираме - во саботата би имале повеќе можности да играме ракомет во Северна Кореја, отколку во Загреб. Вакви работи се незамисливи. Ја бранам тезата дека спортот мора да биде за публиката, а во 21. век за мене е неприфатливо да се забранат камери во сала.

Се знаеше како треба натпреварот да заврши и се знаеше дека разликата треба да биде поголема за да немаат тежина нашите зборови по натпреварот“, рече Тамше за словенечки „Спорт Клуб“.

Еден од најтрофејните словенечки тренери го презеде Нексе во јануари минатата година, а оваа година го однесе клубот на „фајнал-фор“ турнирот на ЕХФ Европската лига.