Тамше: Многу ги почитувам битолчани, клубот и раководството, може во иднина патиштата ќе нè спојат!

Еурофарм Пелистер го претстави заменикот на Бранислав Ангеловски. Битолчани за првпат ќе бидат предводени од шпански стратег, откако раководството на клубот и Раул Алонсо и подадоа рака за соработка од крајот на следната сезона. 

Подолго време низ битолската чаршија се зборуваше дека словенечкиот тренер Бранко Тамше конечно ќе седне на клупата на „зелено-белите“, но и овој пат не дојде до договор меѓу него и челниците на клубот. Преговори имало, но на крај двете страни не се најдоа заеднички јазик и управата се насочи кон потрага по друг стратег. Некогашниот тренер на Загреб и Нексе Нашице со суперлативи зборуваше за битолската ракометна публика и раководството и се надева дека во иднина патиштата конечно ќе ги спојат.

„И пред неколку години јас бев еден од кандидатите за тренер на Еурофарм Пелистер, но тогаш останав во Нексе. За мене ќе беше голем предизвик, затоа што многу ги почитувам луѓето во Битола во ракометна смисла, како и „Чкембари“ и фамилија Стерјев која што многу го сака ракометот.

Знаев каква е ситуацијата во Пелистер, а јас баш сакам такви предизвици. Разговарав со раководството на клубот скоро еден час, морам да признам дека имавме еден конструктивен разговор. На крај се договоривме да ми пратат официјална понуда, во која секако влегува и мојата плата. Имаше разлики во сумата, онаа што ми беше понудена и онаа што јас ја барав. Повторно разговаравме и јас ја намалив сумата, но за жал не се договоривме. 

Но, она што мене најмногу ме боли, се шпекулациите кои допреа до мене дека јас преку Еурофарм Пелистер сум правел обиди да си ја подигнам цената за во Германија. Тоа не е вистина. Прво, јас сум многу сериозен човек и не би помислил на такво нешто. Второ, искрено сакав да дојдам во Битола, бидејќи навистина мислам дека со условите кои ги има клубот, со навивачите и со раководството, можеше да се направи една преубава ракометна приказна“, изјави за Gol.mk словенечкиот тренер Бранко Тамше.

Словенечкиот тренер откри дека во претходниот период добил голем број пораки од битолчани и на клубот и новиот тренер им посака многу успех во понатамошниот дел од сезоната.

„Уште кога почнаа шпекулациите дека јас сум еден од кандидатите за тренер на Еурофарм Пелистер, преку педесет битолчани ми пишуваа пораки и ми се јавуваа. „Тренер ве молиме дојдете“, беа најчестите пораки. Навистина не знам како стигнаа до мојот мобилен телефон и е-меил, но тоа е доказ колку битолчани го сакаат ракометот и му посакуваат сè најдобро на клубот. Му посакувам многу успех на клубот во иднина, и кој знае може налето, може за година, две патиштата конечно ќе ни се спојат“, заврши Тамше.

Шпанецот Раул пред себе ќе има голем предизвик во Еурофарм Пелистер, не само во Лигата на шампионите, туку и во домашниот шампионат, во кој пелистерци веќе имаат два порази.