• Иван Димовски

Ракометниот клуб Нексе ќе го дочека Еурофарм Пелистер во Нашице, во рамките на второто коло на СЕХА лигата. Хрватите како и македонскиот претставник загубија од Војводина во воведната рунда, па имаат силни мотиви за овој меч. Во пресрет на средбата, своето мислење го изнесе тренерот Бранко Тамше.
„Пред нас е натпревар против Еурофарм Пелистер кој во понеделникот играше против Војводина и загуби, како и ние во првото коло. Во нивниот тим има доста странци, вклучувајќи го и тренерот Ларс Валтер, со кој работев како играч во Велење. Добро се познаваме, а добро ја знаеме и екипата на Еурофарм Пелистер, игравме со нив и на „фајнал-фор“ турнирот во СЕХА минатото лето. Се работи за добро формирана, компактна и цврста екипа која игра добра одбрана, има одлични голмани и добро трча во транзиција, па дава доста голови од контра.
Сепак, ние мора да ја гледаме својата игра, да покажеме подобра игра во одбраната. Оваа средба може да ни послужи за да ги „наместиме коцките“, да ги разиграме играчите кои не се на посакуваното ниво. Играме на свој терен пред одлична публика и очекувам добар натпревар“, кажа Тамше.
Натпреварот во Нашице е закажан за денес во терминот од 18:00 часот.