Талески: Жално е што не успеавме да ја израдуваме одличната публика

Вардар 1961 не успеа да му се одмазди на ПИК Сегед за поразот во Унгарија, во натпреварот од осмото коло во Лигата на шампионите. На прес-конференцијата по дуелот во СЦ „Јане Сандански“ покрај тренерот Вујовиќ, зборуваше и Филип Талески. Ракометарот на Вардар се заблагодари на одличната публика во Скопје и му честиташе на ривалот. 

„Честитки на победата за ПИК Сегед. По таков старт на мечот, не може да се вратиш против тим како нив. Како во претходните, така и сега: За поразите сме самите виновни. Жално е што не можеме да ја израдуваме публиката. Голема благодарност до нив за огромната поддршка. Се надеваме дека ќе ја исполниме целта во последните две кола. Главата горе, мора да се анализираме самите себе и да одиме напред.

Притисок е кога си во црна серија. Уште поголем притисок е пред публика која секогаш го бодри Вардар. Можеби тој притисок ни направи шок во првите десет минути“, изјави крушевчанецот.

„Црвено-црните“ се борат за место во нокаут рундата, но и што е можно подобар пласман на табелата во групата А, со цел да се избегне потежок ривал. Во завршните две рунди Вардар ќе гостува кај Кил и ППД Загреб.