Талески: За Вардар нема тежок терен, сакаме добар резултат во Брест

Вардар ќе започне нова авантура во Лигата на шампионите веќе утре со гостувањето во Белорусија кај Мешков Брест

Стариот познаник на „црвено-црните“ важи за фаворит, но јасно е дека Вардар нема да се откаже. Пред натпреварот Филип Талески изјави дека сакаат позитивен старт, победа и не признаваат тешко гостување, но предноста на Мешков ќе бидат фановите. 

„Уште на стартот од новата сезона во ЛШ ќе се соочиме со добар познаник. Вардар многу пати играл против Мешков Брест во СЕХА, но и во елитата, па се познаваме доста добро. Ги следевме и на завршниот турнир во Задар и максимално сме подготвени, иако беше необично да се игра пред празни трибини. Сепак, во Брест ќе има навивачи, картите се во продажба и тоа е плус за нив. Вардар докажа во минатото дека за нив нема тежок терен за освојување, било дали е дома или на гости. Ракометарите секогаш го покажуваа карактерот, без разлика каде и да е, се игра до последниот звук на сирената. Се надеваме на добар резултат и позитивно отворање на сезоната. Ние ја анализиравме сопствената игра и онаа на противниците, така што свесни сме за предизвиците и што значи да се игра за Вардар“, изјави Талески.

Првиот натпревар од групната фаза на Лигата на шампионите меѓу Мешков Брест и Вардар ќе се одигра утре со почеток од 18:45 часот.