Талески за последен пат игра за Вардар: „Никогаш довидување, само поздрав до следно видување“

Македонскиот ракометен репрезентативец, Филип Талески од следната сезона ќе има нов предизвик. На левиот бек по завршувањето на оваа сезона му истекува договорот со Вардар, а откако нема да има продолжување на истиот, стана јасно дека Талески во новата сезона ќе брани бои на нов клуб.

27-годишниот крушевчанец со Вардар освои сè што може да се освои на домашна сцена, а во сабота ќе го одигра последниот натпревар за „црвено-црните“ и ќе се прости од фановите на нашиот најтрофеен ракометен колектив. Противник на поранешниот шампион ќе биде амбициозниот Алкалоид, во дуел кој решава која екипа ќе заврши на втората позиција и директно ќе се пласира во групната фаза во Европската лига.

„Црвено-црната“ армија му подготвува достојно збогум на македонскиот бек, кој најверојатно својата кариера ќе ја продолжи во Португалија, во редовите на Бенфика

Талески својата кариера ја започна во Металург, каде што бргу стана еден од најмладите лидери. Во 2017 година следеше сензационален трансфер во Рајн Некар Левен, каде што се задржа две сезони, потоа играше една сезона во Балинген, пред да се врати и да ја задолжи опремата на Вардар 1961 во 2020 година. Талески неколку години беше меѓу најдобрите ракометари во Суперлигата и лидер на Вардар 1961, меѓутоа пред 27-годишникот е нов интернационален предизвик.