Талески: За мене Вардар е и засекогаш ќе биде еден!

Македонскиот репрезентативец Филип Талески го одигра последниот натпревар за Вардар 1961. Дуелот со Алкалоид во Скопје беше простување за бекот од „црвено-црните“, затоа што заминува во Бенфика.

27-годишникот беше лидер во актуелниот тим на Вардар во изминатите сезони. Во Македонија се врати од Германија, а ја крена формата на високо ниво и тоа му обезбеди трансфер во Португалија кој се очекува наскоро да биде потврден.

„Кога дојдов во Вардар беше тешко време поради коронавирусот. Имав мали проблеми со формата, ама ниеднаш не ја заборавив тежината на клупскиот дрес. Во втората сезона се издигнав, играв за клубот со гордост. За мене Вардар е и ќе биде еден, затоа што во него се вратив каде што треба да бидам. Си заминувам од клубот со голема емоција“, изјави Талески.

Филип Талески со Бенфика според неофицијални информации има двегодишна соработка. Претходно покрај за Вардар, тој во Македонија играше и за Металург, додека во Бундеслигата беше дел од Рајн Некар Левен и Балинген.