Талески во потрага по нов клуб, неговата кариера во Балинген заврши 

Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Талески ова лето ќе мора да бара нов клуб, откако ја заврши својата авантура во бундеслигашот Балинген. 

Левиот бек на почетокот од оваа сезона, која поради пандемијата со коронавирусот не се доигра, се реши да ги напушти редовите на Рајн Некар Левен, каде не добиваше доволно минутажа и стави потпис на договор со тимот на Балинген. 

Но, неговата кариера во бундеслигашот заврши по само неколку месеци, откако клубот најави дека нема да ја продолжи соработката со македонскиот репрезентативец.

„Сакаме да му се заблагодариме на Филип за неговата посветеност на нашиот клуб. Договорот завршува во јуни и истиот нема да биде продолжен“, рече извршниот директор на клубот, Волфганг Стробел.

24-годишниот Талески својата професионална кариера ја започна во 2014 година како член на Металург. Во Рајн Некар Левен се пресели во 2017 година и за „лавовите“ настапуваше две сезони. Постои можност Талески да се врати во Македонија, бидејќи за неговите услуги нескриен интерес има од Еурофарм Пелистер.