Талески: Во дербито има сè, ама пендрек не заслужив и уште сум во шок!

Македонскиот ракометар Филип Талески по дербито меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер доби удар во главата со пендрек од полициски службеник. Шокантната сцена ја згрози македонската јавност и ја обиколи Европа.

Во изјава за „Лоб спорт“, Талески го коментираше целото лудило во финалето од Купот на Македонија во кое Вардар стана шампион. Вели дека не заслужил никако удар од пендрек, а за победата, вели дека е важно што тимот освоил пехар.

„Како спортист мислам дека е добро што постојат такви дербија во Македонија како што е ова. Меѓутоа, некои работи некогаш излегуваат од контрола. Навистина не знам како е можно од полицаец да добијам удар со пендрек. Не го заслужив тоа! Во шок сум уште, исто како и целата ракометна јавност во Европа. Тие сцени го обиколија целиот ракометен свет. Добив голема поддршка. Исто така верувам дека надлежните органи ќе си го сторат своето во овој случај и верувам дека во иднина вакви работи нема да гледаме“, изјави Талески за скандалот, па продолжи за мечот:

„Најважно е што Вардар победи и оваа сезона освои барем еден трофеј. Покажавме дека имаме карактер и дека поседуваме шампионски дух. Ова, сепак, е клуб кој двапати беше шампион на Европа. Имавме една тешка и долга сезона, без долг ростер и тоа е наш главен проблем. До крајот има уште две кола. Ако Пелистер ја освои титулата, а вистина дека е поблизу до нас од неа, мораме да му честитаме“, заврши македонскиот ракометар.

Министерството за Внатрешни работи (МВР) најави дека веќе е отпочната постапка против полицискиот службеник, а локалните медиуми од Охрид објавија дека тој е веќе суспендиран од работната позиција.