Талески: Во Балинген гледам шанса за да играм, за тимот слушнав многу убави работи! 

Македонскиот репрезентативен бек Филип Талески на само неколку дена од стартот на Бундеслигата се реши за променa и дресот на Рајн Некар Левен го замени со оној на Балинген. 

Откако поранешниот германски шампион преку социјалните мрежи му се заблагодари на Талески за соработката, неговиот нов клуб го претстави, а Талески ја даде и првата изјава. 

„Се решив за нов предизвик и за Балинген затоа што тука гледам шанса да играм. Со нетрпение го чекам тој момент. Пред да се решам каде ќе ја продолжам кариерата разговарав со Владан Липовина и од него слушнав само позитивни зборови за тимот, тренерот и градот“, вели македонскиот бек. 

Тренерот на Балинген, Јенс Биркле, не го криеше своето задоволство од своето ново засилување на десната бековска позиција. 

„Среќен сум што Филип се реши за нашиот клуб. Тој ќе биде важен дел од тимот и во одбраната и во нападот“, рече Биркле. 

Балинган е лански шампион во втората Бундеслига, а во елитата на германскиот ракомет влегува со големи амбиции. Новајлијата сезоната ќе ја отвори за два дека и тоа со дуел против Магдебург, каде од оваа сезона настапува Филип Кузмановски.