Талески со „стоп“ за Миркуловски, РНЛ убедлив против Вецлар 

По неочекуваното реми со Ерланген, ракометарите на Рајн Некар Левен експресно им се вратија на победите во домашниот шампионат, откако вечерва славеа убедлива победа во „македонското“ дерби против тимот на Вецлар (31-21). 

Стартот на дуелот донесе атрактивен ракомет со мала резултатско одлепување на шампионот од ред две сезони. Рајн Некае Левен прв поведе со два гола разлика (5-3), потоа стигна и до 7-5, но Вецлар не се предаде и израмни на 9-9. Егл се играше до самиот финиш на првиот дел, кога домаќинот со два брзо гола се избори за позитива на полувреме од 15-13. Во првиот дел помладиот Македонец, Филип Талески не успеа да се реализира, додека искусниот Филип Миркуловски зад своето име запиша два гола. 

Ниту стартот на вториот дел не ги промени драстично настаните на паркетот. Рајн Некар Левен искусно го чуваше водството на момент зголемуваше и до максимални четири гола, за во финалните 10 минути да влези во фантастична серија и на крај да извојува убедлива победа од 10 гола разлика (31-21). Во второто полувреме Талески постигна еден гол, и тоа последниот, додека Миркуловски остана на двата од првиот дел. Прв поентер на мечот беше Шмид со шест гола, додека во противничкиот табор најпрецизен беше Форсел со пет погодоци.

Со оваа победа „лавовите“ се доближија на само два бода до второпласираниот Кил со кого најверојатно ќе се борат за пласман во Лигата на шампионите, ако се земи предвид дека оваа сезона Фленсбург доминира во шампионатот и по 22 натпревари има исто толку победи.