• Зоран Мишевски

Македонската машка ракометна репрезентација во последниот настап од квалификациите за Европското првенство ја совлада Турција со 30-27 (15-15) и обезбеди ново учество на големите натпреварувања.
Нашиот состав до победата стигна потешко од очекувањата, но и покрај водството на гостите во вториот дел кое стигна и до четири гола, сепак на крајот забележавме победа.
„Вечерва покажавме дека можеме да се вративме и од четири гола негатива. Тоа е показател за нас дека треба да веруваме во себе и дека можеме да играме против секого. Денес тешко е да се победи било кој ривал, сите напредуваат, сите играат ракомет, сите вложуваат.
Добро е што се надополнуваме еден со друг и најважно е што го задржавме тој континуитет на учество на големите натпреварувања. Вечерва сакавме Гоце Георгиевски да го испратиме со победа, можеби тоа ни беше притисок.
Тоа што се случи со Филип Кузмановски е голем пех. Се надевам дека не е ништо страшно, дека ќе биде само една обична дисторзија“, рече Талески.
Македонија ќе ги дознае своите противници на Европското првенство на десетти мај, кога во Германија ќе се одржи ждрепката на сите шест групи.