Талески: Пребрзо ми дојде трансферот, тажен сум за Металург, но го имам Манасков крај себе

Во очекување на својата иднина која од денес е јасна, Филип Талески емотивно се наврати на периодот кој го минува како ракометар на Металург, кој од февруари ќе настапува во Рајн Некар Левен во германското првенство. 

„Да бидам искрен малку пребрзо ми дојде заминувањето во Германија, но драго ми е што се реши пред да почне Мундијалот. Среќен сум што заминувам во најсилната лига на светот, но и тажен сум што го напуштам Металург, кој со години беше мое семејство. Да бидам искрен драго ми е што со мене е Дејан Манасков, со кого секојдневно се слушам и верувам дека неговото присуство ќе ми биде од голема полза. Малку можеби и чувствувам притисок што во оваа репрезентација сега се бараат големи работи од мене, но тоа е нормално, а покрај играчи како Миркуловски и Лазаров секако дека ќе ми биде полесно“, вели нашиот десен бек.

Во јануари минатата година кај Обрван, Талески отпадна од комбинација за Европското првенство во Полска, а сега во Франција ќе замине како наш клучен адут во обидот да ја минеме првата фаза.