Талески погоди четири пати во победата на РНЛ во Шведска, нова рутина за ПСЖ на домашен терен

РНЛ

Големите фаворити ја оправдаа улогата во денешните натпревари од Лигата на шампионите и запишаа нови бодови на своето салдо во рамките од 10. коло.

Екипата на Рајн Некар Левен победнички си замина од Шведска кај Кристијанштад (27-32) и се израмни по бројот на бодови со Киелце, кој денес загуби во Скопје против Вардар. Македонскиот интернационалец Филип Талески постигна четири гола, а неговиот учинок падна во сенка на одличниот Андре Шмид, кој со десет гола ја наполни мрежата на Ларсон.

Француски ПСЖ очекувано го надигра Скјерн (38-28) и заборави на поразот во претходното коло против ПИК Сегед. Ракометарите предводени од Раул Гонзалез, македонскиот селектор, одиграа доминантно во текот на целиот меч и на крај славеа со двоцифрена разлика. Генсхајмер со девет и Сагосен со осум реализации се истакнаа во редовите на францускиот шампион и еден од фаворитите за титулата во Лигата на шампионите.

Вториот македонски ракометар кој беше активен попладнево, Жарко Пешевски, не доби шанса во поразот на неговиот Мотор Запорожје на гостувањето кај ППД Загреб (27-25). Хрватите го добија директниот дуел за место во осминафиналната фаза од најелитното ракометно натпреварување во Европа.

Во првиот денешен меч, Бешикташ на Немања Прибак загуби на домашен терен од Чеховски Медведи (27-30), а нашиот репрезентативец постигна еден гол од исто толку обиди. 

Најголема драма донесе дуелот во северна Шпанија, во кој Адемар Леон и норвешкиот Елверум играа без победник, 24-24.