• Мартин Танасковски

Филип Талески беше еден од најдобрите стрелци на Вардар 1961 во победата над Еурофарм Пелистер (31-24) во првото од двете дербија во лигата оваа сезона. По мечот, македонскиот репрезентативец потенцира дека сите се задоволни од триумфот и дека вардарското срце одлучило на овој меч.
„Имавме доста грешки во првото полувреме, меѓутоа бевме мирни во главата и покрај тоа што се случи на трибините, тоа беше инцидентот. Сите играчи пред ова дерби бевме свесни дека оваа година ќе биде потешка во однос на другите во дербијата и одигравме максимално затоа што добро се подготовивме за противникот. Мора да одиме во Битола и да победиме и таму затоа што ако се браниш, лесно се прави пресврт, сведоци сме биле на такви натпревари. Знаевме дека ќе биде тешко, затоа што Еурофарм Пелистер дојде мотивиран во Скопје, но на крај победи вардарското срце“, изјави Талески по натпреварот.
Талески заедно со Манасков го заврши натпреварот со по седум постигнати гола и двајцата беа убедливо најдобри стрелци и во двата табора. Реваншот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар во „Боро Чурлевски“ е во март.