Талески остана без нов клуб заради единствениот настап во Европа!

Македонскиот ракометар Филип Талески и понатаму останува слободен играч. Бара нова средина, беше на прагот да игра во соседството, но тоа не се реализира заради неговите настапи во евро-куповите оваа сезона.

29-годишниот крушевчанец го раскина договорот со Вардар 1961 затоа што бара поголема минутажа и тргна во потрага на нова средина. За него имаше интерес од екипи од други континенти, но можеше лесно да заигра во Србија, поточно во редовите на Партизан, дознава Gol.mk. Српскиот клуб гради тим за титула, а е во потрага на лев бек. Филип Талески беше главната опција која се понуди кај црно-белите и беше прифатена, меѓутоа едно нешто го расипа неговиот премин од Скопје во Белград.

Левиот бек има настапи со Вардар во Европската лига на ЕХФ оваа сезона и по автоматизам не може да настапува за Партизан во истото натпреварување. Црно-белите бараат лев бек, шутер, и тоа веднаш, затоа што амбициите се да направат поголем европски успех, а апетитите се зголемија по победите над Кадетен Шафхаузен и Адемар Леон од Швајцарија и Шпанија во Белград.

Талески беше голема партизанова желба, но нема да се оствари. Трансферот му го „расипа“ единствениот европски настап оваа сезона, против хрватски Сесвете во Скопје. Опциите се отворени, останува да видиме каде шутерот кој досега настапуваше за Металург, Вардар 1961, Бенфика, Балинген и Рајн Некар Левен ќе продолжи во иднина.