Талески: Лазаров ќе го имаме уште малку, ние младите мора да преземаме одговорност

Филип Талески е еден од репрезентативците во кои се гледа иден лидер во дресот на Македонија. Крушевчанецот пред Мундијалот во Германија и Данска зборуваше за овој национален тим и ги најави наредните предизвици на момците на Раул Гонзалез.

Македонија пред да замине за Минхен ќе игра две тест-средби со Србија, на кои Талески посакува добро издание и добро воигрување пред главните предизвици.

„Полека ги одработуваме последните подготовки пред Светското првенство. Ќе играме два меча со Србија, на кои ќе гледаме да се проба се што е зацртано од нашиот селектор и да видиме како стоиме со воигрувањето. Се надевам дека нема да треба да се поправа многу, но ќе видиме, средбите ќе покажат. Наше е максимално да ги искористиме минутите“, изјави Талески.

За разлика од претходните настапи на големите натпреварувања, на претстојното Светско првенство се очекува Талески да има поголема минутажа и да добие поголема слобода во играта.

„Доста се подговував за ова Светско првенство, знам дека треба да играм квалитетно и подготвен сум да играм 60 минути. Се чувствувам спремно и се надевам дека на терен ќе биде тоа забележително и дека ќе имаме успеси. Одиме чекор по чекор и сите се надеваме за најдоброто. Јапонија е прва пречка, a потоа ќе гледаме на другите. Селекцијата е можеби поинаква, но ние сме ракометна нација. Знаеме да играме ракомет, сме покажале во повеќе наврати. Се надевам дека со овој склоп на младост и искуство ќе направиме еден убав успех и ќе имаме позитивен Мундијал.“, додаде ракометарот на Рајн Некар Левен.

На прашањето што ќе биде со оваа репрезентација по заминувањето на Кирил Лазаров и дали младите може да го понесат товарот, Талески одговори позитивно.

„Па, реално, можеме да го понесеме товарот. Сите сме свесни дека Кирил Лазаров е наш најдобар ракометар и дека веќе е во повозрасни години. Нема да го имаме вечно, туку тој ќе биде тука со нас уште некоја година. Но што е, тука е. Мора да бидеме на се спремни и да работиме, за да бидеме подобри од ден во ден“, заврши Талески.

Селекцијата на Македонија за Минхен заминува на 9 јануари. Првиот пријателски меч со Србија е вечерва (петок) од 20:00 часот и е од отворен карактер, додека вториот нема да биде отворен за публика. Мечевите се играат во СЦ „Борис Трајковски“.

СП, Група Б
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 ХрватскаХрватска 5 5 0 0 152:115 37 10
2 ШпанијаШпанија 5 4 0 1 142:114 28 8
3 ИсландИсланд 5 3 0 2 137:124 13 6
4 МакедонијаМакедонија 5 2 0 3 131:139 -8 4
5 БахреинБахреин 1 5 1 0 4 107:151 -44 2
6 ЈапонијаЈапонија 1 5 0 0 5 121:147 -26 0