Талески и РНЛ немоќни во дербито, Флензбург пред одбрана на титулата во Бундеслигата!

Ракометарите на Флензбург се на вистински пат да ја одбранат титулата во домашниот шампионат, откако во денешното големо дерби на Бундеслигата на гости го совладаа лутиот ривал Рајн Некар Левен (23-26).

Стартот на мечот наговести супер-возбудливо дерби. Домаќините отворија подобро, до средината на првиот дел го имаа водството во своите раце, но шампионот во финишот ја забрза играта и на пауза замина со четири гола предност (10-14). Во вториот дел Флензбург искусно ја чуваше позитивата, но во 50 минута Рајн Некар Левен се врати во игра и израмни на 20-20. Сепак, немаше сили за целосен пресврт, па бодовите заслужено ги грабна гостинот (23-26). 

Македонскиот репрезентативец Филип Талески не успеа да се запише во листата на стрелците, кај РНЛ најпрецизен беа Колбашер и Шмид со по пет гола, исто колку и Јоханесен на спротивната страна. 

И вториот македонски претставник во Бундеслигата, Филип Миркуловски, не успеа да се избори за победа на својот Вецлар против Лемго. Поранешниот репрезентативец постигна само еден гол, а Вецлар загуби со минимални 27-28.