• Мартин Танасковски

Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 ја оправда фаворитската улога и во првиот натпревар од Ф4-турнирот во Купот на Македонија славеше над Еурофарм Пелистер 2 (24-28), триумф со кој се пласира во големото финале.
- Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Вардар 1961:
Во салата „Јасмин“ фаворитот цело време ја имаше предноста и ја одржуваше разликата. Младите пелистерци во неколку наврати се враќаа во игра, но техничките грешки во клучните моменти пресудија. Вардарци во мечот за титула ќе играат со подобриот од второто полуфинале меѓу Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер.
Дуелот Еурофарм Пелистер 2 го почна доста добро и му парираше на фаворитот. Избраниците на Александар Јовиќ имаа егал-натпревар, но не успеаја да се справат со расположените Филип Талески и Тимур Дибиров кои дадоа девет од стартните десет гола на „црвено-црните“. Цело време предноста беше на контото на вардарци, во 15. минута резултатот гласеше 7-10, а иако битолчани во повеќе наврати се враќаа на еден гол разлика и имаа шанса да изедначат, пресудија техничките грешки да не го направат тоа.
Тука беше и одбраната на македонскиот првак, плус и голманот Мартин Томовски. Откако Еурофарм Пелистер 2 не искористи два напади за изендачување при 9-10, два гола во серија дадоа Талески и Ѓукиќ, за три гола предност. Позитивата остана и на полувремето (11-13), а во вториот дел младиот тим на Јовиќ цело време бркаше. Во еден момент Еурофарм Пелистер 2 пак дојде на еден гол негатива (15-16), но сето тоа се распадна откако Вардар пак замина на 15-18, а во 50. минута ги имаше и највисоките пет гола разлика (19-24) поради кои практично мечот веќе беше готов.
Најдобри кај Вардар беа Тимур Дибиров со десет и Филип Талески со девет постигнати гола. Ги следеше Дарко Ѓукиќ со пет реализации. Кај Еурофарм Пелистер 2 најистакнати имиња беа Милан Ѓукиќ и Павле Петровиќ со по шест постигнати гола. Кај голманите, Мартин Томовски фати десет топки, додека Благојче Трајковски имаше седум одбрани.
Ракомет
Куп на Македонија – полуфинале
Еурофарм Пелистер 2 – Вардар 1961 24-28 (11-13)
Спортска сала „Јасмин“ - Кавадарци
Гледачи: 500
Судии: Димитар и Дејан Георгиевски
Еурофарм Пелистер 2:
Трајкоски, Ристевски, Буторац, М. Ѓукиќ 6, Арсеновски, Талевски 2, Стоилевски, В. Димитровски 1, И. Димитровски, Ѓорговски 3, Павле Атанасијевиќ 2, Петровиќ 6, Николовски, Табаковски, Димитриоски 4, Блажевски
Седмерци: 6/3
Исклучувања: 10 минути
Вардар 1961:
Томовски, Гогов, Петров, Стоилов, О. Њокас, Валчак 1, К. Њокас, Карапалевски, Тото 2, Талевски 9, Дибиров 10, Крстевски, Додиќ 1, Д. Ѓукиќ 5, Ќосевски, Мишевски
Седмерци: 3/3
Исклучувања: 12 минути