• Горан Упале
Ракометарите на Бенфика се изборија за предност во првиот натпревар од осминафиналето во Европската лига на ЕХФ. Португалскиот тим пред својата публика славеше со 33-31 над ГОГ Гудме, во натпревар полн со многу возбудувања и пресврти.
Тимот за кого настапува македонскиот бек Филип Талески имаше брилијантен старт и предност од пет гола, но данскиот тим се созеде во второто полувреме и го презеде водството. Сепак, во клучните моменти домаќините презедоа сè во свои раце и на крај се изборија за победа од два гола предност (33-31).
Искердо со осум гола беше најпрецизен кај Бенфика, додека Талески не успеа да се запише во листата на стрелците. Кај поразениот тим се истакна Тилстад со седум погодоци.
Победа во првиот осминафинален натпревар забележа и вториот португалски претставник. Порто пред својата публика беше убедлив против Тулуз и за Франција на реваншот ќе отпатува со предност од седум гола (35-27).