• Саше Љолес

Управата на српскиот ракометен првак Војводина успеа да го договори најголемиот трансфер во историјата на клубот, јавија српските медиуми. Се работи за младиот кружен напаѓач Лука Роган, кој од следната сезона ќе замине во тимот на Лајпциг за обесштетување од 80.000 евра.
21-годишниот Роган се наметна со своите одлични изданија во Европската лига на ЕХФ, а од минатата сезона се избори за стартно место во тимот, и тоа во прилично силна и жестока конкуренција.
Со Војводина успеа да освои неколку домашни трофеи, како и титулата во ЕХФ Купот минатата сезона, па сето тоа беше доволно да си осигура трансфер во најдобрата светска ракометна лига. Лука Роган е српски сениорски репрезентативец, а со младинската национална селекција освои бронза на Европското првенство во 2022 година.