Талентираниот Марко Гргиќ е новото супер-засилување за Флензбург!

Управата на германскиот гигант Флензбург заврши одлична работа за следната сезона и потпиша договор со дваесетидвегодишниот Марко Гргиќ, кој важи за еден од најдобрите леви бекови на својата генерација. 

Германскиот репрезентативец дебитираше на големата сцена на Олимписките игри во Париз, каде се закити со сребрениот медал, а договорот со Флензбург ќе биде со важност до 2029 година. 

„Марко е еден од најголемите таленти во светскиот ракомет. Иако е многу млад, тој веќе има големо искуство и настапува за германската репрезентација. Со такво нешто не можат да се пофалат многу играчи. 

Поседува силен карактер и има вистински ментален склоп. Секогаш се труди да го прикаже најдоброто од себе и мислам дека ќе биде одлично засилување за нас“, изјави тренерот на Флензбург, Алеш Пајовиќ.

Флензбург со оваа аквизиција доби повеќе од значително засилување за следните години, во кои сигурно повторно ќе има огромни амбиции, како на домашната, така и на меѓународната сцена.