Суси го задолжи дресот на Еурофарм Пелистер и му се стави на располагање на Валтер

Македонскиот ракометен вицешампион, Еурофарм Пелистер, го претстави своето најново, а воедно и најголемо бековско засилување за новата сезона. Тунискиот репрезентативец Мохамед Суси пристигна во Македонија и веднаш му се стави на располагање на тренерот Ларс Валтер во Струга, каде битолскиот тим настапува на Струшкиот турнир.

„РК Еурофарм Пелистер ја информира јавноста дека нов член на нашиот клуб е тунискиот репрезентативец Мохамед Суси. 29-годишниот лев бек потпиша договор на една година, со опција за уште една ако двете страни бидат согласни. Трансферот е официјализиран откако ракометарот денес пристигна во Македонија и ги мина задолжителните медицински прегледи“, велат од редовите на Еурофарм Пелистер.

Долгогодишниот репрезентативец на Тунис доаѓа во Битола по долги години елитен ракомет во Франција. Минатата сезона го носеше дресот на Трембле, а претходно три сезони играше во Лигата на шампионите за Монпелје. Бени Киар и Клуб Африкан се негови клубови во тунискиот шампионат. Со Монпелје стана европски првак во 2018 година, а следната сезона со истата екипа го освои и Суперкупот на Франција. 

Суси има преку сто настапи за туниската репрезентација, настапи на три Светски првенства и еден олимписки ракометен турнир. Со својата селекција го освои првенството на Африка во Габон во 2018 година, а две години подоцна беше сребрен на домашен терен. Со Тунис има и сребро на Медитеранските игри во Тарагона во 2018 година. 

Суси е висок 193 сантиметри и тежок 98 килограми. Суси веднаш ќе му се стави на располагање на тренерот Ларс Валтер на тренинзите на екипата во Струга. Официјално пред медиумите ќе биде претставен в понеделник на 22 август во 20:00 часот.